Анализа на потребите од обука

Јун 1, 2023

Една од главните компоненти на проектот „Место за растење: општини посветени на децата“ е зајакнување на капацитетите на претставниците на локалната самоуправа, како и на воспитно-образовниот кадар од предучилишното образование и грижа, основното и средното образование во доменот на правата на децата и сеопфатното локално планирање за децата. Поради  недостатокот на податоци базирани на докази за конкретните потреби од обука на целните групи, од една страна, и неопходноста од дизајнирање на обуките на начин на кој ќе соодветствуваат на нивните потреби и очекувања, од друга страна, беше спроведена соодветна анализа и наодите од истата се презентирани во извештај.

Анализата се темели на податоци добиени од деск истражување, како и од теренско истражување преку спроведување фокус групи. Истражувањето беше направено со мал плански избран примерок, спроведено во текот на март-мај 2023 година во петте таргет општини на проектот: Виница, Велес, Дебар, Гостивар и Кисела Вода.

Теренското истражување овозможи идентификување на повеќе релевантни области во кои постои потреба од подобрување на знаењата и вештините на претставниците на локалните власти и професионалците од воспитно-образовните институции за иновативни програми и пристапи кои директно ќе одговорат на потребите на децата и ќе влијаат на нивната добросостојба. Унапредувањето на знаењата во справувањето со врсничкото насилство, воспоставувањето ефикасна комуникација со родителите и поттикнувањето на социо-емоционален развој на децата од најмала возраст беа особена сфера на интерес на учесниците. Потребата од меѓусекторско вмрежување и соработка помеѓу професионалнците кои работат со деца беше нагласена.

Анализата посочи и дека генерално претставниците на општините имале помалку можности за градење на нивните капацитети во овие области, во споредба со воспитно-образовниот кадар.

Воспитно-образовниот кадар ја сподели неопходноста од градење на капацитетите во насока на надминување на предизвиците во процесите на детско учество и запознавање со нови пристапи кои ќе им влијаат мотивирачки на децата.

Прочитајте ја целата анализа и клучните наоди тука.