По повод 25-годишнината од оформувањето на институцијата Народен правобранител, Делегацијата на ЕУ во соработка со Првата детска амбасада МЕЃАШИ, Центарот за семејно и детско згрижување КМОП Скопје и Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, како и Канцеларијата на Народниот правобранител одржаа Конференција за промовирање на правата на детето на демократско учество и вклученост.
Во рамки на конференцијата свое обраќање имаа амбасадорот Дејвид Гир, Народниот правобранител Насер Зибери, раководителката на Одделот за заштита на правата на децата при Канцеларијата на Народниот правобранител Васка Бајарамовска-Мустафа, директорката на Фондацијата „Чекор по чекор“ Сузана Киранџиска, додека модератори на истата беа Јана Николовска – средношколка во СУГС Орце Николов и волонтерка во ПДАС Меѓаши и Петар Павловски – средношколец во СУГС Здравко Цветковски и волонтер во ПДАС Меѓаши.
Свое обраќање имаше и Драги Змијанац, претседател на Прва детска амбасада во светот МЕЃАШИ кој се задржа на важноста локалните самоуправи да ги зајакнат своите заложби за унапредување на правата на децата и нивно учество во локалното планирање. Освен што недостига национален стратешки документ за унапредување и заштита на правата на децата, таков недостиг има и на локално ниво, односно ниту една општина нема локален акциски план за правата на децата.
Димитар Георгиев, ученик од средното училиште „Георги Димитров“ од Скопје ја сподели перспективата на децата и младите за важноста на нивното вклучување во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво. Кристина Василеска, директорка на Центарот за семејно и детско згрижување КМОП Скопје, се осврна на аспектите и начините како можеме да создадеме овозможувачка средина за целосно уживање на правата на детето.
Покрај присутните градоначалници и претставници на локалните самоуправи како и директори и други претставници на партнерски училишта, на конференцијата учествуваа и ученици од повеќе училишта во Македонија. Настанот се одржи на 5 јуни 2023 година, во хотел ,,Александар Палас” со почеток во 10 часот.
ЗА ПРОЕКТОТ
Проектот „Место за растење: општини посветени на децата“ е 30 месечен проект спроведуван од Првата детска амбасада во светот Меѓаши и Центарот за семејно и детско згрижување – КМOП Скопје, почнувајќи од февруари 2023 година до јули 2025 година. Проектот е финансиран од Делегацијата на Европската Унија во рамки на локалните шеми за поддршка на граѓанското општество на Европскиот инструмент за демократија и човекови права (2021 EIDHR Supporting a civil society through Country-Based Support Schemes in North Macedonia). Општата цел на проектот е да се зајакнат заложбите на локалните власти за унапредување на правата на децата и учеството на децата во локалното планирање, во пет општини во Македонија: Виница, Дебар, Гостивар, Велес и Кисела Вода.