Конференцијата има за цел да промовира инклузивна и поддржувачка средина за децата со споделување на веќе постоечки позитивни практики за детско учество во општината Гостивар. Како општина гостин, со свои претставници учествуваше и Општината Дебар која исто така е вклучена во проектот „Место за растење: Општини посветени на децата“.
Конференцијата беше отворена со поздравен говор од страна на Градоначалникот на општина Гостивар Арбен Таравари и Драги Змијанац – Претседател и ко-основач на Прва детска амбасада во светот МЕЃАШИ.
Во првиот дел од конференцијата се обратија повеќе панелисти. Градоначалникот на општина Гостивар во своето обраќање го истакна подобрувањето на условите на децата во градинките и училиштата и посебен акцент даде на разновидните услови за младите преку трите отворени центри во кои младите имаат можност да го поминат своето слободно време.
Претседателот на Прва детска амбасада во светот Меѓаши, Драги Змијанац, се задржа на важноста на учеството на децата во процесите на донесување одлуки, говореше за неговото досегашно учество во локалното одлучување и даде идеи како општините можат да ги вклучат децата и младите во носењето одлуки. Искра Кацарска, раководителка на проектот,, Место за растење: општини посветени на децата” ги претстави целите на проектот и даде подлабок увид во активностите кои се реализирани и кои ќе следат
Претставникот од невладината организација и претставник од младински центар ICAN, Арт Спахиу зборуваше за програмата на младинскиот Центар и соработката со општината. Исто така го истакна функционирањето на Младинскиот центар ICAN, и посетеноста на младите на истиот.
Азра Нуредини како службеничка за млади во Општина Гостивар зборуваше за процесот на формирање на Локалниот Младински Совет, улогата на ЛМС, како и за активностите што се спроведуваат со младите во општината. Др. Анета Чироска како медицинско лице се обрати на присутните со посебен фокус на здравјето и правата на децата.
Армира Шарку од Општина Дебар – раководителка на Секторот за образование, преку практични примери ги претстави активностите на општина Дебар поврзани со правата на децата и детското и младинско учество.
Маргарита Милошоска претставничка од невладина организација за правата на децата со посебни потреби, укажа на работата и активностите што ги спроведуваат заедно со општината Гостивар. Валентина Штерјовска, професорка и активистка, укажа на значењето на соработката на училиштата со општината особено во поглед на заштитата на правата на децата на здрава животна средина и мировното образование.
Клучната сесија на конференцијата вклучуваше теми кои се актуелни кај децата и младите како што е врсничкото насилство, правата на децата со посебни потреби, решавање на проблемот со кучиња скитници, како и на важноста на соработката помеѓу училиштето и семејството.
Младите и децата имаа носечка улога на оваа локална конференција. Беа присутни ученици од училиштата во општината, кои преку цртеж опишаа како ја гледаат иднината во нивниот град и што би сакале да изменат. Цртежите ќе ги достават до Градоначалникот на општина Гостивар давајќи му задолжение истите да бидат приоритет при идните активности на општината.
Се одржа општинскиот панел составен од претставници на локалните власти, воспитно – образовниот кадар и други чинители во рамки на општината. Панелот ќе биде посебно тело во рамките на општината, кое ќе обезбеди структурирана и фокусирана работа поврзана со правата на децата и донесувањето на локалните стратешки планови и ќе овозможи креирање на стратешки план за општина Гостивар со цел унапредување на правата на децата и нивно вклучување во локалното планирање.
Настанот се одржува на 25 мај, во Младински Центар УУC во Гостивар.