На 25 мај во рамки на проектот „Место за растење: општини посветени на децата“, во Europe house Veles, се одржа локална конференција на тема „Велес – општина посветена на децата“.
На конференцијата претставници на локалната самоуправа, образовни институции, детски градинки, јавни институции дебатираа на прашања поврзани со поттикнувањето на детското учество во планирањето и носењето одлуки.
Во своето воведно обраќање претседателот и основач на Првата детска амбасада во светот Меѓаши, Драги Змијанац ја истакна потребата од детектирање на вистинските потреби и проблеми на децата во локалната заедница и нивно конструктивно решавање во соработка со надлежните институции. Свое воведно обраќање имаше и директорката на Центарот за семејно и детско згрижување Кристина Василевска која ги претстави досегашните и планираните активности за развивање на концептот „Општини посветени на децата.
Градоначалникот на Општина Велес Марко Колев истакна дека општината е отворена за сите потреби и проблеми на децата и младите во градот, преку континуирана непосредна комуникација со нив:
„Општина Велес во изминатите две години и половина навистина сериозно и посветено се вложи во градење инфраструктура за развој на психофизичкиот и социјален развој на децата. Се работеше на подобрување на условите во училиштата и градинките, се реконструираа и изградија голем број на детски игралишта и спортски терени во градот, но и во руралните средини, се уредија зелени површини за одмор и рекреација. После подолго време се посветивме и на зголемување на содржината за деца – се организираа бројни театарски претстави, фестивали, работилници и натпревари на актуелни теми, спортски игри, детска програма во рамки на постоечките и новосоздадени фестивали итн. Не само што децата и младите можеа да уживаат во богата програма, туку неретко и самите беа учесници и креатори. Но, она на што сум посебно горд е редовната посредна комуникација што секојдневно ја остварувам со нив преку организирани посети и други настани, преку кои децата се запознаваат со јавните дејности во Општината (Градоначалник, Совет, пожарна) и имаат простор да ги изразат своите мислења, потреби и идеи. Само така можеме да изградиме здрави поколенија и Општина по мерка на децата.“, истакна Колев.
Претставниците од Општина Кисела Вода говореа за можноста за унапредување на меѓуопштинската соработка и размена на идеи, реализација на заеднички проекти и меѓусекторско вмрежување во насока на создавање општини по мерка на децата, како и за континуираното вложување во подигнување на квалитетот на воспитно – образовниот процес, подобрувањтое на условите во училиштата и градинката и поддршката на децата од семејствата во социјален ризик. Посебен акцент дадоа на формите на организирање и можноста децата да одлучуваат.
На конференцијата во неколку сесии говореа повеќе панелисти. Беа опфатеми теми од областа на: градењето на детските права во современата локална самоуправа, улогата и вклученоста на децата и младите во локалната самоуправа и нивните активности во Младинскиот центар Велес, улогата на воспитно-образовните институции и инклузијата на децата со попреченост. На конференцијата се говореше и за предизвиците при решавање на детското претстапништво, врсничкото насилство и дискриминација на детските права.
Посебен акцент на правата на децата дадоа Михаил Здравковски, – ученички правобранител во ООУ ,,Блаже Конески“ и Изабела Димков, Претседател на училишниот парламент во ООУ ,,Васил Главинов“. Тие се осврнаа на правата на децата, улогата на општината во нивното унапредувањето, како и за нивните очекувања.
По конференцијата се формираа општински панели кои треба да обезбедат структурирана и фокусирана работа поврзана со правата на децата и донесувањето на локалните стратешки планови, истовремено да овозможат креирање на стратешки план за Општина Велес, со цел унапредување на правата на децата и нивно вклучување во локалното планирање.
Општина Велес е една од петте општини кои се вклучени во проектот „Место за растење: општини посветени на децата“, што го спроведуваат Прва детска амбасада Меѓаши / First Children’s Embassy Megjashi и KMOP Skopje Центар за семејно и детско згрижување, а е финансиран од Европската унија.