Локална Конференција „Дебар – Општина Посветена На Децата“

Мај 20, 2024

Локални власти, претставници на воспитно – образовниот кадар,  млади и деца од општина Дебар беа главните говорници на Локалната конференција „Дебар – Општина посветена на децата“.

Оваа конференција имаше за цел да промовира инклузивна и поддржувачка средина за децата со споделување на веќе постоечки позитивни практики за детско учество во општината Дебар. Како гостин на конференцијата учествуваше и општината Гостивар која исто така е вклучена во проектот „Место за растење: Општини посветени на децата“.

Конференцијата беше отворена со поздравен говор од страна на Градоначалникот на општина Дебар, Хекуран Дука, Драги Змијанац – Претседател и основач на Прва детска амбасада во светот МЕЃАШИ и Кристина Василеска, Директорка на Центар за семејно и детско згрижување КМОП Скопје.

Во првиот дел од конференцијата се обратија повеќе панелисти. Претставникот на училишниот парламент, Зог Фетаху даде посебен акцент на начинот на кој тие се вклучени во донесувањето одлуки, колку се важни овие одлуки и искуството од одлучувањето во училишниот парламент. Претседателот на Прва детска амбасада во светот Меѓаши, Драги Змијанац, се задржа на важноста на учеството на децата во процесите на донесување одлуки, говореше за неговото досегашно учество во локалното одлучување и даде идеи како општините можат да ги вклучат децата и младите во носењето одлуки.

Градоначалникот на општина Дебар, истакна дека општината е секогаш подготвена да ги отвори вратите во однос на секоја тема поврзана за децата, а пред се, посебен акцент даде на квалитетното образование, подобрите услови во училишта и безбедно училиште, повеќе зелени површини и чиста околина.

Клучната сесија на конференција вклучуваше и теми кои се актуелни кај децата и младите како што е врсничкото насилство, додека посебен акцент беше ставен и на темите за емоционалната интелигенција и падот на менталното здравје кај тинејџерите, како и на важноста на соработката помеѓу  училиштето и семејството.

Младите и децата имаа носечка улога на оваа локална конференција. Беа присутни ученици од три основни училишта, кои преку цртеж опишаа како ја гледаат иднината во нивниот град. Цртежите ги доставија до Градоначалникот на општина Дебар давајќи му задолжение истите да бидат приоритет при идните активности на општината.

Оваа конференција претставуваше уникатна и несекојдневна можност да се слушне и научи од искуствата и практиките помеѓу локалните самоуправи а воедно и да се споделат визиите, предизвиците и можностите на општините во насока на  промовирање, остварување и заштита на правата на децата.

По конференцијата се одржа и локална панел – дискусија составена од претставници на локалните власти, воспитно – образовниот кадар и други чинители во рамки на општината. Панелот ќе биде посебно тело во рамките на општината, кое ќе обезбеди структурирана и фокусирана работа поврзана со правата на децата и донесувањето на локалните стратешки планови, и ќе овозможи креирање на стратешки план за општина Дебар со цел унапредување на правата на децата и нивно вклучување во локалното планирање.

Настанот се одржа на 16 мај 2024 година, во хотел ,,Венец“ од 09:30 до 17:00 часот.