На 22 октомври беа одржани консултациите со децата и состанок на општинскиот панел во Гостивар, двата настани насочени кон создавање стратешки и акциски план.
Овие консултации се дел од иницијативата „Место за растење: општини посветени на децата“. Една од целите е членовите на општинските панели да ги ислушаат барањата и мислењата на децата каква општина сакаат и воедно децата да се вклучат во процесите на донесување одлуки. Со ваквиот пристап бараме и обезбедуваме активно учество на децата во креирањето политики и програми кои се во нивен интерес како и нивно поставување во центарот на јавните политики во општината.
Учеството на децата е клучно во процесите на креирање и создавање заедници кои се безбедни, инклузивни и посветени на детските права.
Во рамките на консултациите, децата денеска дискутираа за важни теми како што се: дискриминацијата, нивното учество во локалните заедници, пристапот до здравствени и образовни услуги, создавање безбедна и чиста животна средина… Особено беше истакната важноста од обезбедување зелени површини за игра, чиста и безбедна средина, без дискриминација, потребата од едукативни кампови, заштита од насилство, заштита од уличните кучиња, базен…
Овие барања ќе бидат дел од заложбите на Општина Гостивар да стане општина која ги исполнува правата на децата согласно Конвенцијата за правата на детето. Процесот продолжува и во следните недели и месеци, со цел да се создаде сеопфатен стратешки и акциски план по мерка на децата.
Воедно благодариме на Младинскиот центар од Гостивар за соработката.