Децата имаат право да бидат сослушани и право да влијаат на прашања од значење за нив. Тие се директно засегнати од одлуките што ги носат локалните лидери во образованието, животната средина, детската и социјалната заштита и урбаното планирање, но често се исклучени од одлучувањето. Учеството на децата во креирањето на нивните локални заедници ќе придонесе за креирање општини кои ги отсликуваат нивните потреби.
Преку проектот „Место за растење: Општини посветени на децата“ ќе зајакнат напорите на локалните власти за унапредување на права на децата и учеството на децата во локалното планирање, во пет општини во Македонија: Виница, Дебар, Гостивар, Велес и Кисела Вода. Проектот ќе биде спроведен од Прва детска амбасада Меѓаши / First Children’s Embassy Megjashi и КМОП Скопје.
За таа цел партнерските организации на самиот почеток на проектот, на 21ви февруари го организираа првиот состанок на Управувачкиот одбор на кој се усвои планот за работа на проектот, се формираше Советодавното тело на проектот, се разгледа и планот за обезбедување квалитет и се поставија акциски чекори за активностите кои треба да се спроведат во наредните 3 месеци. Проектот е финансиран од Европската унија, и ќе трае 30 месеци.