Завршна конференција: „Растеме заедно: достигнувања, искуства и идни чекори“

Јун 25, 2025

Претставници на пет општини – Кисела Вода, Велес, Виница, Дебар и Гостивар – заедно со деца и млади, претставници на институции, граѓански организации и меѓународни претставници, беа дел од завршната конференција од проектот „Место за растење – Општини посветени на децата“ која се одржа на 25 јуни во Европска Куќа во Скопје од 09:00 до 14:00 часот.

Конференцијата насловена „Растеме заедно: достигнувања, искуства и идни чекори“ претставуваше можност за заедничка рефлексија и споделување на предизвици, успеси и научени лекции од процесот на креирање локални стратегии за унапредување на детските права. Настанот ги обедини општините, децата и младите во споделување идеи и планови за континуирано активно вклучување во создавањето на нивното место за растење.

Конференцијата започна со поздравни обраќања и воведни говори од Кристина Василеска, директорка на Центарот за семејно и детско згрижување – КМОП Скопје, и Исак Мисини, проектен координатор во Првата детска амбасада во светот Меѓаши, кои ја истакнаа важноста на проектот и упатија порака за продолжување на соработката и вложувањето во детските права. Во фокусот на конференцијата беа токму децата, а целиот настан беше модериран од страна на учениците Јана Пљокова, III година, СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ – Велес, и Јована Цимбаљевиќ, матурант во СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“.

Во првиот дел од настанот беа прикажани видео сведоштва од претставници на локалните самоуправи, извадоци од подкасти со деца, како и краток преглед на резултатите од проектот.

Главната панел-дискусија под наслов „Локална акција за детските права: Зошто е важна?“ беше отворена од Марциа Палота, таск менаџер и претставничка на Делегацијата на Европската Унија, која нагласи дека вложувањето во детските права и зајакнувањето на локалната демократија се клучни предуслови за изградба на инклузивни, одговорни и правични заедници.

Децата и младите ја имаа носечката улога на овој панел, споделувајќи што значеше проектот за нив и на кој начин го зајакна нивниот глас. Своите искуства, размислувања и пораки за возрасните ги пренесоа: Кристијан Мартинов, ученик во III година во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ – Велес, Матеј Ристов, ученик во 9 одделение во ООУ „Круме Кепески“ – Кисела Вода, Ана Арсова, матурантка во СОУ „Ванчо Прќе“ – Виница и Едина Мифтароска, ученичка во II година во СОУ „28 Ноември“ – Дебар.

Панелот посветен на локалните заложби за унапредување на детските права ги обедини претставниците од општините Верица Тодоровска Дацева, раководител на Одделението за јавни дејности при Општина Велес, Весна Блажевска, социјален работник во ЈДГ „Весели Цветови“ – Кисела Вода, Александар Јованов, член на Советот на Општина Виница, и Џевит Мифтароски, професор во СОУ „28 Ноември“ – Дебар , кои ги споделија искуствата, предизвиците и конкретните активности кои ги преземаат за создавање средини каде децата се слушнати и вклучени. Панелот овозможи размена на добри практики и поттикна меѓуопштинска соработка.

Своето обраќање на конференцијата го имаше и Весна Божевска-Петрушевска од Канцеларијата на Народниот правобранител, Одделение за заштита на правата на децата и лицата со попреченост, која ги истакна континуираните заложби на институцијата за унапредување и заштита на правата на децата.

Васка Бојаџи од КМОП Скопје ја претстави Платформата за следење на детските права како уникатна алатка за унапредување на локалните политики, со дискусија за нејзина интеграција и одржливост во редовното планирање.

Учесниците имаа можност да ја разгледаат изложбата „Галерија од детска перспектива“, составена од дела на децата од различни возрасти кои сликовито ги прикажаа своите желби и визии за идеално место за растење.

Завршната конференција претставуваше значаен момент за споделување на постигнувањата и искуствата од проектот „Место за растење“, како и за унапредување на дијалогот меѓу локалните самоуправи, децата и младите.

Настанот ја зајакна посветеноста кон создавање инклузивни средини каде што правата на децата се почитуваат и промовираат, отворајќи пат кон посилни и одржливи заложби за иднината.

ЗА ПРОЕКТОТ

МЕСТО ЗА РАСТЕЊЕ има за цел да ги зајакне напорите на локалните власти за унапредување на правата на децата и нивното учеството во локалното планирање.

Проектот ќе се спроведува 30 месеци и во тој период ќе ги поддржи општините Виница, Дебар, Гостивар, Велес и Кисела Вода во развивање и операционализација на клучни стратешки документи за унапредување на правата на децата врз основа на специфичните потреби, перспективи и очекувања на децата.

Проектот е финансиран од Европската Унија а го спроведуваат Првата детска амбасада во светот Меѓаши и  Центарот за семејно и детско згрижување КМОП Скопје.

За МЕЃАШИ: ги застапува и заштитува правата на децата, поттикнува одговорно родителство и почит на детската личност, го зајакнува граѓанското движење за правата на децата, детското учество и се залага за функционалност на институциите во најдобар интерес на детето.

За КМОП Скопје: Центар за семејно и детско згрижување – КМОП Скопје е регистрирана како локална граѓанска организација во 2017 година и се фокусира на поддршка на ранливите групи преку имплементација на социјални иницијативи, едукација, истражување и обезбедување на социјални услуги.

👉 Завршна Конференција