„Растеме заедно: достигнувања, искуства и идни чекори“

Јул 1, 2025

На 25 јуни во Европска Куќа – Скопје, се одржа Завршната конференција од проектот Место за растење, насловена: „Растеме заедно: достигнувања, искуства и идни чекори“

Оваа конференција беше круна на 30-месечниот процес на создавање посветени, праведни и безбедни општини за секое дете. Настанот ги обедини децата и младите со претставници на своите локални самоуправи и институции од општините Кисела Вода, Велес, Виница, Дебар и Гостивар како и национални и меѓународни претставници во заедничка рефлексија за правата на децата и нивното активно учество во локалното управување.

Во таа насока, програмата на настанот понуди богата содржина – видео-сведоштва, излагања, презентација на резултати, претставување на дигиталната платформа, панел-дискусија, детска изложба, како и многу можности за вмрежување, размена на искуства и идеи.

Особено сме горди на децата и младите кои не беа само публика – тие беа гласот, срцето и двигателот на овој настан!

Нашите модераторки – Јана Пљокова и Јована Цимбаљевиќ, А исто така и говорниците – Кристијан Мартинов, Матеј Ристов, Ана Арсова и Едина Мифтароска, со својата храброст, искреност и визија ни покажаа што значи вистинско детско учество и ја инспирираа цела сала!

Конференцијата започна со поздравни обраќања на Кристина Василеска, KMOP Skopje и Исак Мисини, Прва детска амбасада Меѓаши / First Children’s Embassy Megjashi, претставници на партнерските организации-имплементатори на проектот.

Панел-дискусијата ја отвори Марциа Палота од Делегацијата на ЕУ, а свој придонес имаа Весна Бошевска-Петрушевска од Канцеларија на Народен Правобранител, Васка Бојаџи, КМОП Скопје и претставниците на општините/локални совети:

  • Верица Тодоровска Дацева, Оптшина Велес,
  • Весна Блажевска, Општина Киесла Вода,
  • Александар Јованов, Општина Виница и
  • Џевит Мифтароски, Општина Дебар

кои сведочеа за напорите на своите општини и институции во унапредувањето и одржувањето на учеството на децата во локалното одлучување.

Голема благодарност до сите говорници, модератори, учесници и партнери кои ја збогатија завршната конференција со своето знаење, искуство и посветеност.

Една насмевка вреди колку илјада убави зборови, а на конференцијата ги имаше многу: искрени, блескави, разменети меѓу другарчиња, соученици, соработници, и едноставно …луѓе што споделуваат иста желба–да создадат подобри места во кои децата и младите ќе растат и ќе се развиваат!

Благодариме што заедно го создадовме нашето „Место за растење“ – простор каде и возрасните и децата учат, растат и се залагаат за подобро утре.